Husameddin Gina
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Европската Унија со 4,5 милиони евра ќе финансира изградба на заедничка железничка гранична станица помеѓу Република Македонија и Република Србија, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, јавува Anadolu Agency (АА).
Сугаревски, на денешната прес-конференција каде што беше презентиран проектот изјави дека е многу задоволен бидејќи се работи за исклучително важен проект што треба да го подобри транспортот на стоки и услуги помеѓу двете држави.
„Станува збор за проект со инвестициска вредност од 4,5 милиони евра кој треба да биде направен. Сметаме дека на овој начин ќе стане уште подобра соработката помеѓу двете држави, бидејќи во тие објекти ќе бидат сместени и граничните полиции, царинските управи, инспекциските служби“, изјави Сугаревски.
Тој, исто така нагласи дека средствата за изградба на заедничката железничка гранична станица треба да бидат комплетно обезбедени наредната година.
Градбата, како што рече министерот, се претпоставвува да започне во првиот квартал од 2020 година. Граничната станица треба да заврши во рок од 18 месеци.
Објектите што треба да се градат, вклучуваат: заедничка железничка гранична станица (1674 метри квадратни, патничка гранична железничка станица (100 метри квадратни), зграда на компаниите на Македонски железници (270 метри квадратни), зграда на компаниите на Српските железници (326 метри квадратни), блок за снабдување со електрична енергија со складиште, продолжување на инспекцискиот перон за 186 метри.
На прес-конференцијата присуствуваше и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.