Zylfije Adem Jakupi
02 Ноември 2020•Ажурирај: 03 Ноември 2020
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Република Косово, Авдулах Хоти, побара од претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, укинување на визите за косовските државјани од страна на БиХ и отворање канцеларија за врски, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во телефонскиот разговор, премиерот Хоти му се заблагодарил на Џаферовиќ за неодамнешната иницијатива за признавање на Република Косово од Босна и Херцеговина, и побарал продолжување на заложувањата за укинување на визниот режим за косовските граѓани што е можно поскоро, со цел да се постигне слободно движење на луѓето, стоките и капиталот меѓу двете земјa, соопшти Владата на Косово.
Изразена е подготвеноста на косовската Влада за отворање канцеларија за врски меѓу двете земји, како и за продлабочување на соработката во областа на образованието и културата.
За време на разговорот, заедно со премиерот Хоти биле и бошњачките политички претставници на Косово, заменик-министерот за трговија и индустрија Ќерим Бајрами и пратеникот во Собранието на Косово, Расим Демири.
Во септември годинава членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, изјави дека тој и сегашниот претседавач Шефик Џаферовиќ гласале за признавање на Косово на една од двете вонредни седници, додека српскиот член на Претседателството, Милорад Додик, бил против.