Shpetim Hiseni
03 Октомври 2017•Ажурирај: 04 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Директорите на царинските управи на Македонија и Хрватска на заедничка прес-конференција соопштија дека ги разгледуваат можностите за продолжување и подобрување на царинската соработка меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Овие три дена, во официјална посета на Македонија престојува делегација од Царинската управа на Хрватска, предводена од страна на генералниот директор на хрватската царина, Хрвоје Човиќ.
Директорот на Царинската управа на Македонија, Ѓоко Танасоски, истакна дека Македонија работи на едно ново законодавство, кое ќе биде хармонизирано со регулативите на Европската Унија (ЕУ). Во рамките на царинските олеснувања, тој посочи дека треба да се намали бројот на документите во царинските процедури.
„Поддршката на Република Хрватска за нас е од големо значење. Ние ја гледаме хрватската Царинска управа како стратешки партнер на македонската царина за нашите заложби за евроинтеграциите. Во овој процес, хрватските искуства можат да ни користат во делот на усогласување на законодавството, подигнување на административните капацитети, борбата против корупцијата и забрзување на сите царински постапки“, вели Танасоски.
Танасоски пренесе дека дел од измените ќе придонесат да се упростат царинските процедури, што, според него, ќе им ја олесни работата на малите и средните компании, помагајќи на ефикасен начин да се вклучат во глобалните трговски синџири.
Од друга страна, директорот на Царинската управа на Хрватска, Хрвоје Човиќ, нагласи дека се отворени како администрација да ѝ помогнат на Македонија во нејзините предизвици за унапредување на нормативата на царинската служба во Македонија.
„Добриот трговски биланс меѓу Република Македонија и Република Хрватска на некој начин нѐ обврзува нас, царинските службеници, да бидеме сервис и таа стопанска соработка да биде колку што е можно подобра, поквалитетна, на двострано задоволство на нашите држави“, рече Човиќ.
Инаку, во текот на официјалната осета на хрватската делегација, ќе бидат истражувани можностите за создавање на една поинтензивна соработка, особено за размена на искуствата во насока на приближување на царинското работење кон царинската унија на ЕУ, како и за економски, трговски и транспортен развој и олеснување.