Fatjon Cuka
24 Февруари 2021•Ажурирај: 25 Февруари 2021
ТИРАНА
Министерот за земјоделство и шумарство на Турција, Бекир Пакдемирли, денеска е во посета на Албанија, во чии рамки се состана со министерката за земјоделство и рурален развој на Албанија, Милва Економи, јавува Агенција Анадолија (АА).
По меѓуделегациската средба, Пакдемирли и Економи, како претставници на Владата на Република Турција и Советот за министри на Република Албанија, потпишаа протокол за Договорот за грант во врска со поплавите.
Турскиот министер Пакдемирли на заедничката прес-конференција со Економи нагласи дека ќе продолжат да ја поддржуваат Албанија со сите можности кои ги поседуваат како држава.
Пакдемирли рече дека потпишаниот договор е пакет за помош, односно грант за албанското Министерство, особено во областите за заштита против кој било природен ризик.
Според него, на состанокот зборувале за различни теми, земјоделство, шумарство, сточарство, како и за соработката помеѓу универзитетите.
Турскиот министер информира дека денеска ТИКА ќе реализира донација во Скадар во оваа насока.
Од друга страна, министерката Економи истакна дека на состанокот се осврнале на некои важни моменти, кои според неа ја докажуваат ангажираноста на Република Турција за поддршка на Владата на Албанија и албанскиот народ во повеќе области.
Инаку, Пакдемирли во текот на денот се состана и со премиерот на Албанија, Еди Рама, додека денеска ќе го посети и Скадар, каде што ТИКА ќе додели помош за земјоделците во поплавените зони.