Ivana Ramadanova
18 Јули 2017•Ажурирај: 19 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Македонија повикувајќи се на информациите од грчките власти соопшти дека во вчерашното невреме и поплави што ја зафатија северниот дел на Грција, и особено вториот крак на Халкидики - Ситонија, нема загрозени и повредени македонски граѓани, ниту пак пријавени исчезнати лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ресорното министерство информира дека уште во текот на вчерашниот ден биле преземени мерки да им се дадат информации помош и поддршка на македонските граѓани затекнати во поплавените подрачја.
Отворени се телефонски линии во соработка со македонската Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Солун, кои се уште се достапни за помош и информации и на кои досега се јавиле десет граѓани.
„На дежурната телефонска линија во Канцеларијата во Солун, досега се јавиле вкупно десет лица, а во МНР се јавија три лица - воглавно родители кои бараа известување за состојбата на нивните деца и роднини кои се на летување во Грција, се јавија и граѓани кои бараа совет за нивните паркирани и поплавени патнички возила", соопштија од МНР.
Оттаму велат дека Министерството и натаму ги следи состојбите во Грција преку Канцеларијата во Солун, кои, како што велат, се во постојана комуникација со надлежните грчки власти.