Adel Ömeragiç
19 Јули 2017•Ажурирај: 19 Јули 2017
ПОДГОРИЦА (AA) - Во Вишиот суд во Подгорица започна судењето за планираните терористички напади во Црна Гора на денот на парламентарните избори минатата година. Меѓутоа, на барање на одбраната, која бараше да бидат изземени обвинителите Миливоје Катниќ и Саша Чаѓеновиќ, денешниот претрес е одложен и ќе продолжи утре, јавува Anadolu Agency (AA).
На судењето коешто траеше само десетина минути, присуствуваа обвинетите лидери на Демократски фронт, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, како и обвинетите во овој случај кои моментално се во притвор.
На претресот не присуствуваа обвинетите Едуард Шишмаков, Владимир Попов, Предраг Богичевиќ и Немања Ристиќ, на кои им се суди во отсуство.
Андрија Мандиќ пред почеток на судењето на новинарите им рече дека процесот што денес почнува во Вишиот суд наликува на Бомбашкиот процес од 1907 година.
Тој истакна дека се надева оти ќе ги разбие „лажните конструкции“ на специјалниот обвинител и ќе го запре државниот терор врз Демократскиот фронт.
Милан Кнежевиќ пред судењето рече дека се надева на ослободителна пресуда.
„Ние веќе денес сме победници. Уверени сме дека слободата ќе тропне на нашите врати пред да биде донесена пресудата“, рече Кнежевиќ.
Во близина на Вишиот суд утрово беа преземени високи мерки на обезбедување, односно беа распоредени полицајци со автомати. Бројни приврзаници на ДФ утринава дојдоа пред Вишиот суд за да им дадат поддршка на Мандиќ и на Кнежевиќ. Обвинителниот акт е напишан на 129 страници, предложено е сослушување на 11 сведоци, а во тој документ има и 9 правосилни пресуди.
Обвинителството најави дека во текот на судскиот процес ќе претстави дури 118 материјални докази и прислушувани 33 телефонски разговори снимени со мерките за таен надзор.
Со обвинението на Специјалното обвинителство се опфатени двајца руски државјани, Едуард Шишмаков и Владимир Попов, српските државјани Милош Јовановиќ, Немања Ристиќ, Предраг Богичевиќ, Братислав Дичиќ, Кристина Христиќ, Бранка Милиќ, Милан Душиќ, Драган Максиќ, Србољуб Ѓорѓевиќ.
Со обвинението се опфатени и тројца црногорски државјани – лидерите на Демократски фронт, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, како и Михаило Чаденовиќ, службен возач во Демократски фронт.
Според обвинението на обвинителството, на 16. октомври 2016 година, во Црна Гора е спречен државен удар. Според наводите на обвинителот Миливоје Катниќ, во ноќта на одржувањето на парламентарните избори во Црна Гора било планирано да дојде до упад во Собранието, да се уапси и да се ликвидира поранешниот премиер Мило Ѓукановиќ.
Обвинителството верува дека лидерите на ДФ, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ станале членови на групацијата што на територијата на Црна Гора, Србија и Русија ја оформиле двајца руски агенти, Едуард Широков (Шишмаков) и Владимир Попов, со цел насилно да ја урнат власта.