Husamedin Gina
06 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека Владата подготвува акционен план и дека едно од првите поглавја на планот ќе биде владеењето на правото и зајакнување на капацитетот на демократските институции во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешниот брифинг со новинарите информираше за состојбата во надворешната политика на земјата, во пресрет на самитите на Европската Унија во ноември и декември, на кои се очекува финализација на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција како формален старт на преговорите за членството во ЕУ.
Во однос на очекувањата за годинешниот прогрес и извештајот за напредокот на Северна Македонија на патот кон Европската Унија, кој треба да биде објавен денес, министерот Бујар Османи рече дека неспорен е резултатот од успешната реализација на бројните реформски планови.
„И во овој извештај Европската комисија да го вреднува содржинскиот дијалог на Република Северна Македонија со Европската комисија, којшто неспорно е кренат на повисоко ниво“, рече Османи, додавајќи дека треба да продолжат во иста насока преку засилен ангажман на Владата за да се пополни преговарачката структура, со цел политички и административно да се пречека стартот на преговорите кон крајот на оваа година.
Министерот Османи, исто така, се осврна и на, како што рече, робусниот економско-инвестициски план за Западен Балкан од 9 милијарди евра преку ИПА 3 финансирање, што очекува да го потврди и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј, кој утре ќе допатува во официјална посета на Северна Македонија.
Според министерот Бујар Османи, финансиската поткрепа ќе биде во комбинирана форма на грантови и поволни заеми со цел да се ослободат нови економски потенцијали во регионот, со фокус на инфраструктурните проекти за меѓусебно поврзување.
Во однос на забрзувањето од спроведувањето на реформите од страна на новата Влада, што го побара Европската комисија минатата недела, Бујар Османи рече дека Владата подготвува нов акционен план и дека реформите ќе бидат приоритет.
„Приоритетите претежно произлегуваат од приоритетите на Владата и приоритетите на Европската комисија во однос на тоа што се очекува од нас, така што владеењето на правото ќе биде едно од можеби првите поглавја во тој акционен план, којшто треба да го донесе Владата, но и сите наши други обврски во смисла на зајакнување на капацитетот од демократските институции и на нормалното функционирање на општеството во целина“, нагласи министерот Османи.
Запрашан од новинарите во врска со најавената петочна средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, министерот Османи рече дека фактот дека е ова негова прва билатерална посета во Софија е „порака сама за себе."