Ivana Ramadanova
17 Март 2017•Ажурирај: 18 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски во Виена оствари средба со австрискиот колега и актуелен претседавач со ОБСЕ, Себастијан Курц, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Министерството за надворешни работи, министрите разговарале за регионалната стабилност и потребата од интегрирање во ЕУ како најдобра гаранција за развој на Балканот.
„Што и да се случува во регионот, какви и да се предизвиците, доколку членството во ЕУ изгледа достижно, тоа ќе ги стабилизира сите земји, а ќе ги релаксира и предизвиците внатре во Унијата. Мигрантската криза, геополитичките поместувања, заканите од радикализам и тероризам и глобалната конкурентност се само најсвежи примери за тоа дека делиме исти интереси. Единствено логично е да бараме обединување околу една кауза: да сме дел од ЕУ и од заедничкиот пазар е веројатно наједноставната гаранција за мир и развој во Македонија и Регионот", истакнал министерот Попоски по средбата.
Средбата се одржа за време на посетата на Попоски на Виена, за време на која се обрати на седница на Постојаниот совет на ОБСЕ.