Furkan Abdula
09 Јануари 2021•Ажурирај: 11 Јануари 2021
СКОПЈЕ
Д-р Махмут Чевик, кој извесно време ја вршеше функцијата координатор на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Скопје, е назначен за потпретседател на ТИКА во Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите до кои дојде новинарот на АА, претседателот на Одделот за Балкан и Источна Европа на ТИКА, Махмут Чевик, е назначен за потпретседател на оваа турска агенција откако досегашниот потпретседател проф. д-р Бирол Четин е назначен за претседател на Турскиот институт за историја.
Чевик во 2005 година почна со работа во ТИКА и вршеше различни функции, почнувајќи како координатор на ТИКА во Скопје, координатор на ТИКА за проектите за развој и инвестиции на Балканот, Кавказ, Средна Азија и Африка, како и директор за проекти од странски извори.
Тој е експерт за ЕУ, ОН, Светска банка, како и за подготовка и спроведување проекти за рурален развој, а ја вршеше функцијата координатор на ТИКА во Скопје додека се реставрираше поранешното Средно воено училиште во Битола, кое денеска е Градски музеј на Битола, каде што учел и Мустафа Кемал Ататурк, и во текот на изградбата на спомен-куќата на Али Риза Ефендија, таткото на Ататурк, во селото Коџаџик при Општина Центар Жупа.
Меѓу другото, Чевик во 2014 година беше назначен за претседател на Одделот за Балканот и Источна Европа на ТИКА, функција што ја вршеше досега.