Furkan Naci Top
15 Јуни 2018•Ажурирај: 16 Јуни 2018
АТИНА (АА) - Константинос Барбарусис, пратеник на екстремно десничарската партија Златна зора, поради постигнатиот договор со Владата на Македонија за спорот околу името, на говорницата во грчкиот Парламент, рече: „Ја повикувам Војската на должност“, јавува Anadolu Agency (AA).
Барбарусис, на седницата во грчкиот Парламент, се обрати во врска со постигнатиот договор меѓу владите на Грција и Македонија за проблемот околу името, изјавувајќи: „Ја повикувам Војската на Грција да ја изврши својата должност и да ги приведе премиерот Алексис Ципрас, Панос Каменос (министер за одбрана) и претседателот Прокопис Палвопулос, поради предавство.“
Повикот ги подигна тензиите во Парламентот и предизвика реакции и вербални дуели од страна на пратениците на главниот владин партнер СИРИЗА.
Никос Вутсис, претседателот на Парламентот, повика на вонреднен состанок на претседателите на пратеничките групи, а за зборовите на пратеникот Барбарусис рече дека претставуваат „отворен повик за државен удар“.
Вутсис го бранеше ставот дека „неонацистичката“ Златна зора има за цел да го интензивира насилството пред потпишувањето на Договорот меѓу владите на двете земји, и предложил да ѝ се забрани на Златна зора да учествува на состаноците на Генералното собрание за ова прашање.
Предлогот, освен Златна зора, го прифатија сите останати партии во Парламентот, со што на оваа партија ѝ е забрането да учествува на Генералното собрание додека траат средбите.
- Предлог за интерпелација
По траење од речиси четврт век спор околу името на Република Македонија со Грција, владите на двете земји дојдоа до заеднички договор.
Договорот меѓу двете влади предвидува Република Македонија да го смени името во Република Северна Македонија. Овој договор го потпали фитилот на политички дебати, а главната опозициска партија Нова демократија (НД), во Парламентот предложи интерпелација на Владата.
Кириакос Мицотакис, претседателот на НД, го бранеше ставот дека признавањето на народот и јазикот на соседната земја како македонски, значи повлекување од националната црвена линија на Грција.
Гласањето за интерпелација е закажано за утре, а за распуштање на Владата, во грчкиот Парламент кој брои 300 пратеници, потребно е да гласаат најмалку половината.
Панос Каменос, министер за одбрана на Грција и претседател на партијата Независни Грци (АНЕЛ), и владин партнер на СИРИЗА (Коалицијата на радикалната левица), и покрај тоа што изјави дека нема да гласа за Договорот, рече дека ќе гласа „Против“ интерпелација на Владата.