Admir Fazlagic
23 Март 2017•Ажурирај: 24 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје пред Министерството за култура на Република Македонија непознато лице сакало да го откорне знамето на Република Турција од службеното возилото со дипломатски таблички на Турската амбасада во Македонија, но не успеало во намерата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Денес, во Скопје, амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара оствари средба со министерката за култура на Македонија, Елизабета Канческа-Милевска.
На средбата меѓу амбасадорката Кара и министерката Канческа-Милевска, која се одржа во Министерството за култура на Република Македонија, се разговарало за реставрацијата на Куршумли ан, кој се наоѓа во Старата скопска чаршија, како и за понатамошната соработка и проектите од областа на културата.
Министерството за внатрешни работи на Македонија соопшти дека е пријавен денешниот настан пред Министерството за култура.
„Во 16,15 ч. Орхан Салих, возач на турскиот амбасадор, во Единицата за информации и команда (ЕИК) пријавил дека додека бил паркиран со превозно моторно возило со дипломатски таблици -Турска Амбасада на кое имало истакнато знаме на Република Турција пред Министерство за Култура, каде дошло НН лице кое сакало да го откорне знамето од возилото, но не успеало во намерата. После ова, лицето се оддалечило во непознат правец", соопшти МВР.
Амбасадорката Тулин Еркал Кара, во изјава за АА, потврдувајќи го наведениот напад кој се случил, за време на нејзината средба со министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, потенцираше дека овој и вакви слични напади нема во ниту еден случај да влијаат на добрите односи меѓу двете држави.
Таа нагласи дека, Турција и Македонија се пријателски и братски држави и додаде: „Меѓу нашите држави постојат взаемна доверба и добри односи во секоја сфера.“
Кара забележа дека, овој обид за напад е од индивидуален карактер и посочи оти не треба да се преувеличува. Таа додаде дека, овластениот возач, Салих, ќе ја бара правдата во рамките на македонските закони.