Dzihat Aliju,Fatjon Cuka,Zylfije Adem Jakupi
17 Јули 2023•Ажурирај: 19 Јули 2023
СКОПЈЕ (АА)
Додека Европа и светот се соочуваат со топлотни бранови, земјите од регионот презедоа одредени мерки за заштита на граѓаните, јавува Анадолу.
На 6 јули во светот е поставен нов рекорд на најтопол ден досега.
Според податоците на Универзитетот во Мејн во САД, просечната глобална температура на 6 јули достигна 17,23 Целзиусови степени, надминувајќи го претходниот рекорд од 17,16 Целзиусови степени забележан на 4 и 5 јули годинава.
- Северна Македонија
Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија минатата недела соопшти дека целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од „портокалова фаза“, преземајќи мерки што ќе траат четири дена, од 13 до 16 јули.
Во меѓувреме, Владата на Северна Македонија во синоќешното соопштение истакна дека земјата и натаму ќе биде зафатена од температури од „портокалова фаза“, за што најави дека ќе останат на сила досегашните мерки.
Меѓу мерките што мора да се почитуваат се ослободувањето од работни обврски на најранливите групи на населението, како што се трудниците и лицата над 60 години, како и да не се практикува физичка активност и децата да не се изнесуваат надвор во период од 11:00 до 17:00 часот.
Владата најави и забрана за движење низ шумите и националните заштитени подрачја и информираше дека заедно со надлежните органи постојано ја следат состојбата со температурите, за што поскоро да се преземат соодветни мерки за заштита на граѓаните.
- Албанија
Како и другите земји во регионот, така и Албанија е зафатена од топлотниот бран, каде што се забележани високи температури.
Според соопштението на Воената метеоролошка служба на Албанија, објавено на социјалните мрежи, топлотниот бран што веќе го зафати поголемиот дел од Европа ќе продолжи во Албанија и во текот на оваа недела, при што денес се очекува максималната температура да достигне 41 Целзиусов степен.
Според оваа Служба, долгите сончеви часови и топлите воздушни маси ќе предизвикаат термометарот да забележи температури до 43 Целзиусови степени во наредните денови, главно, во градовите Берат, Елбасан и Ѓирокастро.
Од друга страна, Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија ги повика граѓаните да избегнуваат излегување од дома во најжешките часови од денот и да не се изложуваат на сонце за време на највисоките температури во периодот од 11:00 до 18:00 часот.
- Косово
Општина Приштина поради високите температури постави цистерна за вода на централниот плоштад „Скендербег“ за освежување на граѓаните.
„Целта на поставувањето на цистерната е да се освежат граѓаните за да можат што полесно да ги поминат овие топли денови“, се наведува во соопштението на Општината.
Во Косово и оваа недела продолжува сончевото време со тропски температури. Според прогнозата на Хидрометеоролошкиот завод на Косово, највисоките дневни температури ќе се движат од 33 до 37 Целзиусови степени, а во повеќе градски средини и до 40 степени. Следниот викенд, исто така, се предвидуваат екстремно високи температури.
„Ова време со екстремно високи температури е резултат на доаѓањето на топли воздушни маси од Северна Африка. Високата стапка на испарување ќе создаде топлина и чувствувањето на овие температури ќе биде повисоко од забележаните вредности“, велат од Институтот.
Хидрометеоролошкиот завод на Косово ги информира граѓаните дека УВ-индексот ќе биде многу висок, па затоа се препорачува максимално да се ограничи изложувањето на сончеви зраци од 10:00 до 17:00 часот, особено за лицата со хронични заболувања.
Се препорачува да се носат заштитни очила од сончевите зраци, чадори за сонце, облека со светла боја, да се користат соодветни кремови за заштита на кожата и да се пие вода колку што е можно почесто, а не газирани течности. Исто така, се препорачува да се консумираат овошје и зеленчук и храна со што помалку маснотии.