Bojana Stojanovic
17 Мај 2018•Ажурирај: 18 Мај 2018
СОФИЈА (AA) - „Секогаш сум оптимистичен кога станува збор за постигнување решение во дијалогот меѓу Белград и Приштина, а во интерес на Косово е да работи за решавање на правно-обврзувачкиот договор“, изјави во Софија европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, нагласувајќи дека за земјите на Западен Балкан има европска перспектива, и дека таа перспектива ќе биде потврдена денеска, јавува Anadolu agency (AA).
Пред почетокот на Самитот ЕУ - Западен Балкан во главниот град на Бугарија, Хан рече дека Стратегијата на Европската комисија јасно нагласи дека постои европска перспектива за сите.
„Секогаш сум оптимистичен. Новата Стратегија на ЕК нагласи дека постои перспектива за сè. Тоа значи дека е во интерес на Косово да работи за решение на правно-обврзувачкиот договор“, наведе Хан.
Според неговите зборови, создаден е нов поттик и момент за двете страни да дојдат што поскоро до одговор.
Говорејќи за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, европскиот комесар за проширување и соседска политика истакна дека реформите се неопходни во сите земји, додавајќи дека европската перспектива била моќен двигател за демократските реформи во Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Србија и Косово.
„Постои европска перспектива која ќе биде потврдена денеска, но она што го рековме пред неколку месеци и понатаму важи, дека секоја земја мора да ја направи домашната задача и тогаш ќе постои европска перспектива. Сите земји имаат иста перспектива и почетна точка, но напредокот е индивидуален, па зависи од секоја земја поединечно колку брзо ќе оди кон Европа“, додаде Хан.
Самитот на Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан, кој денеска се одржува во Софија, има за цел потврдување на посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан, но и да се укаже на потребата од многу поблиска соработка со земјите од Балканот, како и развој на нивните добрососедски односи.
На Самитот, освен шефовите на држави и влади на земјите членки и највисоките претставници на ЕУ, присуствуваат и лидерите од Западен Балкан. На Самитот учествуваат лидерите на Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Домаќин на состанокот е премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, а со состанокот ќе претседава претседателот на Европскиот совет. Тој ќе ја претставува ЕУ, како и претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер.
Исто така, на Самитот учествуваат и претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, како и претставници на Светска банка.