ПОДГОРИЦА (АА) - Односите на Република Турција и Црна Гора се на историски највисоко ниво, порачаа претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ) Мустафа Шентоп и неговиот црногорски колега Алекса Бечиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп претстојува во официјална посета на Црна Гора во чии рамки се состана со претседателот на црногорскиот Парламент, Алекса Бечиќ, од кого беше пречекан со највисоки државни почести.
По тет-а-тет средбата и по средбата на парламентарните делегации на Турција и Црна Гора, Шентоп и Бечиќ одржаа заедничка прес-конференција.
Шентоп изјави дека е во посета на Црна Гора на покана на неговиот колега Бечиќ, со кого на состанокот ја оцениле меѓупарламентарна соработка, разговарале за билатералните односи меѓу Турција и Црна Гора, како и за регионални и глобални случувања.
Шентоп подвлече дека односите меѓу Турција и Црна Гора, кои имаат заедничка култура и историја и имаат силни човечки врски, се на одлично ниво и го доживуваат најдобриот период во нивната меѓусебна историја.
„Давајќи стратешки вреден придонес за мирот и стабилноста во својот регион, Црна Гора е многу важен дел од Балканот и Европа. Црна Гора е земја за пример во својот регион во однос на културата на заедничко живеење“, рече Шентоп.
Додаде дека негова искрена желба е Црна Гора да го зачува единството, интегритетот, хармонијата и мирот, а Бошњаците и Албанците, кои се конститутивни елементи на земјата, да живеат во просперитет заедно со сите народи во Црна Гора.
„Наша желба и желба на нашиот пријател и сојузник Црна Гора е што поскоро да стане полноправна членка на Европската Унија. Изразуваме секаква поддршка во овој поглед на меѓународна основа“, истакна Шентоп.
Тој се осврна и на денешното потпишување на Протоколот за меѓупарламентарна соработка помеѓу Турција и Црна Гора, за кој рече дека ќе ја зајакне нивната соработка, со размена на важни информации за споделување добри практики и искуства.
„На овој начин ќе ги продлабочиме нашите односи на парламентарно ниво. Посакувам протоколот да биде од корист за двете земји“, додаде Шентоп.
Претседателот на турскиот Парламент му се заблагодари на црногорскиот колега Бечиќ за дочекот во Црна Гора, при што упати покана Бечиќ да ја посети повторно Турција во блиска иднина.
- Бечиќ: „Со меѓусебните посети ги испишавме најубавите страници во нашата заедничка историја“ -
Претседателот на Парламентот на Црна Гора, Алекса Бечиќ, во обраќањето на прес-конференцијата истакна дека му претставува задоволство и чест да го угости претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп.
„Она што е главна порака на состанокот, она што заеднички го заклучивме е дека во оваа година, со овие бројни меѓусебни средби и посети испишавме и ги испишуваме најубавите страници во нашата долготрајна и богата заедничка историја и дека односите помеѓу двете земји се на највисоко ниво и во историјата на овие две земји“, рече Бечиќ.
Тој се осврна и на помошта која Турција ја упати за Црна Гора во борбата со справувањето со пандемијата од коронавирусот (Ковид-19).
„Истакнав благодарност на претседателот на ТБММ, Шентоп, за големата медицинска помош која Турција ја упати на Црна Гора во текот на овие две години борба против пандемијата на Ковид-19, а последната помош од 100.000 вакцини следуваше по посетата на Турција на црногорската министерка за здравство, Јелена Боровиниќ Бојовиќ“, истакна Бечиќ.
Тој рече дека Протоколот за соработка помеѓу парламентите на двете земји е уште еден камен во темелот на нивните силни меѓусебни односи, но и можност за уште поголема соработка помеѓу парламентите.
Бечиќ истакна задоволство што Црна Гора и Турција споделуваат заедничка историја, заеднички вредности, како и што Црна Гора е дел од НАТО, со што е сојузник на Турција во рамките на оваа алијанса.
Меѓу другото, Бечиќ нагласи дека црногорската дијаспора во Турција е значаен и силен мост на соработката помеѓу двете земји.
Претседателот на Парламентот на Црна Гора рече дека со Шентоп заеднички заклучиле дека има простор за унапредување на соработката на економски план, додавајќи дека турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ има важна улога со помошта во соработката на унапредување на туризмот помеѓу Турција и Црна Гора.
Бечиќ упати благодарност до претседателот на ТБММ, Шентоп, како и до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за посетата на Црна Гора, потенцирајќи дека тоа е гест што многу го ценат и почитуваат.