Bahattin Gönültaş
05 Април 2022•Ажурирај: 06 Април 2022
БЕРЛИН (АА) - Филип Тон, извршниот директор (CEO) на германската енергетска компанија „E.ON“, предупреди дека германските потрошувачи треба да бидат подготвени за нагло зголемување на цените на струјата и гасот доколку Европската Унија (ЕУ) го замрзне увозот на руска нафта и гас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјава за германската медиумска мрежа „Redaktionsnetzwerk Deutschland (RND)“, Тон нагласи дека околу 14 милиони корисници на E.ON во Германија треба да се подготват за сериозни зголемувања на цените на електричната енергија и гасот.
Нагласувајќи дека големопродажната цена на природниот гас е зголемена за 20 пати, а цената на електричната енергија 8 пати во однос на март 2020 година, Тон рече: „Оваа невидена состојба на пазарот треба да ја одразиме во нашите цени.“
Тон предупреди дека германските потрошувачи треба да бидат подготвени за нагло зголемување на цените на струјата и гасот доколку ЕУ го замрзне увозот на руска нафта и гас.
Тој исто така додаде дека треба да се очекуваат драматични резултати за германската економија доколку нафтата и гасот не пристигнат од Русија во ЕУ.
Тон, извршниот директор на „E.ON“ Германија, нагласи: „Во моментов, подземните гасни постројки во Германија се полни само 25-27 проценти. Ова е многу ниско ниво. Побарувачката за полнење на овие гасни постројки ќе биде висока. А тоа ги зголемува цените. Ситуацијата е многу напната дури и доколку испораката не запре.“
Компанијата „E.ON“ е еден од најголемите снабдувачи на енергија во Германија со околу 14 милиони клиенти.