Admir Fazlagic
30 Јануари 2019•Ажурирај: 31 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Владата на Република Македонија се одржа свеченост на која беа доделени договори на 12 граѓански организации и асоцијации во висина од 49 милиони и 300 илјади денари за спроведување проекти со кои ќе се поттикне локалната и регионалната конкурентност во туризмот. Овие средства се доделени преку Проектот за локална и регионална конкурентност, кој се спроведува преку заедничка соработка на Владата на Република Македонија, Делегацијата на Европската Унија и Канцеларијата на Светска банка, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот задолжен за економски прашања во Владата на Македонија, Кочо Анѓушев, истакна дека вкупната вредност на Проектот изнесува 18 милиони евра, средства кои во најголема мера се обезбедени од ИПА-фондовите, како и од буџетот на Република Македонија и од Светска банка, а на денешната свеченост се доделуваат договори за еден од трите сегменти, наменети за невладини организации и асоцијации кои работат во туристичкиот сектор.
Другите два сегмента што се опфатени со Проектот за локална и регионална конкурентност се грантови за микро и мали претпријатија, а најголемиот дел од средствата се наменети за реализација на инфраструктурни проекти за поттикнување на туризмот во определени општини.
„Проектот е замислен во овие три компоненти, и притоа се очекува компаниите и асоцијациите да добијат грантови со кои ќе ги развиваат од приватен аспект туристичките активности во Република Македонија, додека општините треба да ја развиваат инфраструктурата за туризам во нивните општини во кои припаѓаат“, рече Анѓушев. Тој упати благодарност до Европската Унија за донираните средства и истакна дека туризмот е една од гранките за кој се очекува да има најбрз развој и раст, како и дека поради тоа е потребно да се подобри туристичката понуда.
Директорот на Канцеларијата на Светската банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели, истакна дека туризмот во светски рамки е значителен економски сектор, кој учествува со 10 % во глобалниот бруто домашен производ, застапеност со 7 % во вредноста на меѓународната трговија и вкупно 30 % од извезените услуги низ светот.
„Со овој проект ќе се придонесе кон изградба на нова инфраструктура, зачувување на животната средина, ревитализација на локалитетите, ќе се поттикне конкурентската предност на различни дестинации, бидејќи не секоја локација може да привлече ист вид на туристи или квалитет на услуга“, изјави Мантованели.
Претставникот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Фрејк Јанмат, рече дека преку овој проект се промовираат туристички дестинации коишто не се доволно познати за странските туристи и изрази очекување дека туризмот во Македонија ќе продолжи да се развива.
„Македонија има повеќе езера и планини, кои нудат можност за спортски активности, релаксација, но постојат и други помалку очигледни можности за развој на туризмот, преку промоција на уметноста и старите занаети застапени во Македонија“, рече Јанмат.
Директорката на Проектот за локална и регионална конкурентност, Антонија Шишак, рече дека јавниот повик беше распишан во март минатата година, на кој имаа можност да аплицираат широк спектар на корисници, вклучувајќи ги општините, јавните установи, регионалните плански центри, образовните установи, центрите за обука, невладините организации и микро и малите претпријатија.