Nuran Erkul Kaya
27 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија и Австрија дадоа зелено светло за плаќање на рускиот гас во рубли откако руската државна енергетска компанија „Гаспром“ ги прекина испораките на гас кон Полска и Бугарија, бидејќи и двете земји ги одбија условите за плаќање, јавува Агенција Анадолија (АА).
Австрискиот канцелар Карл Нехамер објави дека е постигнат договор со австриската енергетска компанија ОМВ за плаќање на увозот на руски гас во рубли, јавуваат локалните медиуми.
Германската енергетска компанија „Унипер“ соопшти дека плаќањето во рубли на Русија не е во спротивност со санкциите.
„Во согласност со новата шема на плаќање, веруваме дека договорите за снабдување со Русија се исполнети“, рече на конференцијата за новинари, директорката на „Унипер“, Тина Туомела.
Руската енергетска компанија „Гаспром“ денеска соопшти дека ги прекинала испораките на гас на Бугарија и Полска поради одбивање на тие земји да плаќаат увоз на гас во рубли.
Компанијата предупреди дека доколку земаат гас наменет за другите европски купувачи, испораките во Европа ќе бидат намалени за тој износ.
Бугарските власти во март објавија дека немаат намера рускиот гас да го плаќаат во рубли, како што побара рускиот претседател Владимир Путин од сите добавувачи на овој енергенс.
Според одлуката на Путин, западните земји, за да купат руски природен гас, мораат да отворат сметки во рубли во руските банки.