Nuran Erkul Kaya
28 Април 2022•Ажурирај: 29 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Земјите членки на Европската Унија, Кина и другите земји ѝ платиле на Русија околу 63 милијарди евра за фосилни горива од почетокот на војната пред два месеци, покажуваат новите податоци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според деталниот мониторинг на испораките на руска нафта, гас и јаглен, комбинацијата на континуиран увоз на нафта и гас и високите цени на горивото резултира со тоа што руските приходи се значително повисоки од претходните години.
Германија беше најголемиот увозник, плаќајќи околу 9,1 милијарда евра за руски фосилни горива, додека Италија плати 6,9 милијарди евра.
Германија наиде на критики поради нејзините практики од Кира Ванке, шефицата на Центарот за клима и надворешна политика при Германскиот совет за надворешни односи, која рече:
„Додека трговијата редовно се случува преку различни модели на управување, неприфатливо е Германија да продолжи со увоз на високи фосилни горива од земја која бесрамно и постојано го прекршува меѓународното право.“
Кина оствари увоз со вкупно 6,7 милијарди евра, потоа Холандија со 5,6 милијарди евра, Турција со 4,1 милијарда евра и Франција со 3,8 милијарди евра.
Европската Унија е одговорна за 71 отсто од вкупните приходи на Русија од нафта, гас и јаглен, плаќајќи околу 44 милијарди евра за овие извори на енергија од почетокот на војната во Украина.
Според Лаури Миливирти, водечки аналитичар во Центарот за истражување на енергија и чист воздух (CREA), извозот на фосилни горива е клучен фактор што овозможува опстанок на режимот на рускиот претседател Владимир Путин.
„Продолжувањето на увозот на енергија е најголемата празнина во санкциите наметнати кон Русија. Сите оние кои ги купуваат овие фосилни горива се соучесници во страшното кршење на меѓународното право од страна на руската војска. Ги повикуваме сите влади и корпоративни купувачи на руски фосилни горива да престанат да купуваат“, додаде Миливирти.
Ана Акерман, експерт за климатска и енергетска политика и основач на украинската невладина организација Центар за еколошки иницијативи „Екоакшн“, рече дека војната на Русија против Украина во голема мера е „финансирана од извозот на јаглен, нафта и гас на агресорите“.
„Истите овие ресурси се главната причина за уште една глобална закана - климатските промени. Ова е историски момент“, рече Акерман, заклучувајќи дека глобалната заедница има можност да види дека фосилните горива воедно создаваат и војна и ја уништуваат климата.