Ferdi Türkten
29 Декември 2020•Ажурирај: 29 Декември 2020
АНКАРА
Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган во синоќешното обраќање најави дека Турција денес (вторник) со Велика Британија ќе потпише Договор за слободна трговија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во Претседателската палата во Анкара претседаваше со последната седница на кабинетот за оваа година, а по седницата имаше обраќање до нацијата. Тој истакна дека договорот за слободна трговија со Велика Британија ќе биде најважен турски трговски договор уште од Договорот за Царинска унија кој Турција го потпишала во 1995 година со Европската унија.
„Нашиот извоз до 25 декември ги надмина сите проекции и се искачи на 166 милијрди долари. Со инвестициите со висока додатна вредност го затвораме дефицитот и ги намалуваме потребите за надворешно финансирање. Со 2021 година почнува новиот период кој ќе биде корисен и за Турција и за Велика Британија", рече Ердоган.
Ердоган рече дека Турција изминатата година за 12 пати ја зголемила паричната поддршка на земјоделците и дека во земјата е остварено рекордно растително производство од 124 милиони тони.
Турскиот претседател Ердоган рече дека до крајот на годината очекува испорака на вакцини против коронавирусот кои Турција ги нарачала од Кина.
„Одлучни сме и во намерата на нашиот народ што поскоро на користење да му дадеме и повеќе од една вакцина од сопствено производство", рече Ердоган.
Нагласувајќи дека во изминатите 11 месеци оваа година во Турција се зголемени барањата за инвестиции за 30 отсто во однос на истиот период минатата година, Ердоган, меѓу другото, истакна дека уделот на домашното производство во турската индустрија е зголемен на преку 70 отсто.
„Турција ќе ги брани своите суверени права на сите полиња, од Плавата татковина до кибер просторот", порача Ердоган и најави дека во наредните три години Турција ќе продолжи да инвестира во дигиталната инфраструктура за да стане сигурна од кибер закани.