Ata Ufuk Şeker
06 Февруари 2020•Ажурирај: 08 Февруари 2020
БРИСЕЛ (AA) - Најновите податоци покажуваат дека 5,2 отсто граѓани на Европската Унија (ЕУ) работат од дома, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Агенцијата за статистика на Европската Унија (Евростат), земја на ЕУ со најголем број граѓани што работат од дома е Холандија, во која 14 отсто од вработените ги извршуваат работните обврски од дома.
По оваа земја следуваат Финска со 13,3 отсто, Луксембург со 11 отсто и Австрија, во која 10 отсто од граѓаните работат од дома.
Од друга страна, најмал број вработени што работат од дома е забележан во Бугарија, каде што само 0,3 отсто од работната сила не мора да го поминува времето во компанија за да ги изврши работните задачи.
На дното на листата се уште и Романија со 0,4 отсто, Кипар со 1,2 и Хрватска со 1,4 отсто.
Од останатите земји членки на ЕУ, 5 отсто Германци работат од дома, 6,6 отсто Французи, како и 3,6 отсто Италијанци.
Според податоците на Евростат, на ниво на ЕУ во просек 5,5 отсто жени и 5 отсто мажи работат од дома.