Ekipa
18 Мај 2020•Ажурирај: 19 Мај 2020
АТИНА (АА) - Грција денес влегува во третата фаза од враќањето во нормала со отворање на средните училишта, како и трговските центри, се вели од Министерството за здравство и други агенции, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од потрошувачите во трговските центри ќе се бара одржување физичка дистанца, како и носење маски со цел да помогнат во спречување на појава нов бран на вирусот.
Бесплатното патување помеѓу регионите на континенталниот дел и кон островот Крит повторно ќе продолжи, а „Ејџиан ер“ најави дека постепено ќе ги зголемува домашните летови.
Поморскиот транспорт, исто така, ќе продолжи со ферибот линиите, но само со ограничен број патници, до 50 отсто исполнет капацитет.
Археолошките места исто така се отвораат со придружни безбедносни мерки и одржување дистанца од 1,5 метар меѓу посетителите, одредување максимален број посетители по археолошки локалитет, обележување на безбедните патеки и посебни патеки за влез и излез.
Првата фаза кон нормализација што ја најави премиерот Кирјакос Мицотакис започна на 4 мај.
Со појавата на вирусот, Грција беше една од првите европски земји што нареди затворање на сите училишта, барови, кафулиња, ресторани, ноќни клубови, спортски сали, трговски центри, кина, продавници, музеи, археолошки места и хотели, и доби многу пофалби за овие мерки.
Министерството соопшти дека вкупниот број на дијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјата досега изнесува 2.834, заклучно со вчера.
Во изминатите 24 часа во Грција се дијагностицирани 15 нови случаи со Ковид-19, а во земјата има 163 смртни случаи како последица на вирусот, вклучително и еден смртен случај во текот на изминатиот ден.