Ayhan Şimşek
11 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
БЕРЛИН
Германија се соочува со третиот бран на коронавирусот, предупреди главниот експерт за заразни болести во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Професорот Лотар Вилер, шеф на Институтот „Роберт Кох“ (RKI) изјави дека постојат многу индикации дека во земјата започнал третиот бран на пандемијата.
„Многу сум загрижен“, изјави тој за меѓународните новинари, нагласувајќи дека бројот на случаи на заразување со новата варијанта на вирусот која е многу позаразна е во подем.
„Тековната кампања на вакцинацијата е трка против вирусот што се менува и мутира“, изјави тој.
Во Германија денеска се пријавени најголем број случаи на заразување со Ковид-19 на дневно ниво во последните две недели, во момент кога земјата започна постепено да ги олеснува ограничувањата.
Податоците на Институтот „Роберт Кох“ покажуваат дека во текот на последните 24 часа се регистрирани 14.356 нови случаи, во однос на 11.912 случаи пријавени на истиот ден минатата недела.
Со денешните податоци е извршена проценка дека во земјата во моментот има 123.100 случаи на заразување со Ковид-19.
Позаразната варијанта на вирусот која потекнува од Велика Британија, сочинува повеќе од 46 отсто од новите случаи на заразување во земјата, покажаа најновите податоци.