Ekipa
19 Август 2021•Ажурирај: 20 Август 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија од утре, 20 август, ќе ги прифаќа ковид-сертификатите издадени од властите на Турција, Северна Македонија и Украина, соопшти денес Европската комисија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Извршното тело на ЕУ донесе одлука за еквивалентност на сертификатите за Ковид-19 издадени од земјите благодарение на што граѓаните со ковид-сертификати ќе можат да патуваат во ЕУ под истите услови како и граѓаните на ЕУ.
За возврат, граѓаните на ЕУ, исто така, ќе можат да ги користат своите ковид-сертификати при влез во Турција.
„Додека се бориме заедно со пандемијата, нашите партнери се исто така составен дел за безбедно заедничко отворање“, ја коментира оваа одлука еврокомесарот Оливер Вархели, посакувајќи им добредојде на Турција, Северна Македонија и Украина во системот на дигитални ковид-сертификати на Блокот.
- Практичност -
Документот е достапен на паметен телефон или хартиен формат, со КуЕр-код што им овозможува на властите да го одредат статусот на патникот за Ковид-19.
Дозволата потврдува дали некое лице ги примило сите препорачани дози вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), дали имал негативен ПЦР-тест во текот на изминатите 72 часа или оздравел во последните шест месеци.
Вакцините овластени од ЕМА се производи на фармацевтските компании „Фајзер“/„БајоНТех“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „КјурВак“ и „Џонсон и Џонсон“.
Во практична смисла, тоа значи дека турските државјани кои добиле две дози од вакцините на „Фајзер“/„БајоНТех“ пред повеќе од 14 дена, или оние кои можат да докажат со претходни тестови за Ковид-19 дека оздравеле, може да влезат во Блокот без дополнителни ограничувања.
Оние кои не се вакцинирани ќе треба да направат тест, додека оние што се вакцинирани со вакцината на „Синовак“, ќе мора да ги проверат условите за влез во земјата во која сакаат да патуваат.