Elena Teslova
21 Јули 2021•Ажурирај: 22 Јули 2021
МОСКВА (АА) - Со 783 нови смртни случаи во изминатите 24 часа, бројот на починати од коронавирусот во Русија надмина 150.000, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според најновите податоци, 23.704 новозаразени се регистрирани во земјата, каде што бројот на заразени се зголеми во текот на изминатите недели поради ширењето на варијантата на коронавирусот, Делта.
Тоа значи дека досега се пријавени повеќе од 6,03 милиони случаи, додека бројот на активни случаи е 474.738.
Бројот на оздравени е зголемен за 22.854 и сега изнесува 5,4 милиони.
Епидемиолошката ситуација во Москва, која и понатаму е најпогодена во државата, постепено се подобрува благодарение на напорите на властите.
Бројот на дневни случаи е намален за речиси половина, од 6.000-7.000 дневно на меѓу 3.000 и 4.000.
Во последните 24 часа се потврдени уште 3.253 заразени во главниот град, со 104 смртни случаи и 8.006 излекувани.
Официјалните претставници ублажија некои ограничувања во Москва, вклучувајќи ја задолжителната QR-пропусница за посета на рестораните.
Според зборовите на градоначалникот, во главниот град секојдневно се вакцинираат повеќе од 100.000 лица.
Меѓутоа, Ана Попова, главната санитарна службeничка во земјата, изјави дека националната ситуација и понатаму е напната бидејќи стапката на морбидитет од Ковид-19 се зголемува во 71 од 85 руски региони, претежно поради ширењето на делта-варијантата на вирусот.
Повика на строго почитување на заштитните мерки и забрзување на вакцинацијата бидејќи тоа ќе го спречи ширењето и понатамошната мутација на коронавирусот.