Ali Rıza Akkır
15 Јуни 2022•Ажурирај: 16 Јуни 2022
МУГЛА (AA) - АЛИ РИЗА АККИР -
Тврдината во подрачјето на Фетије во турската област Мугла, со завршувањето на ископувањето и со подготвувањето на патеката за пешачење, ќе биде отворена за туристи.
Под покровителство на Министерството за култура и туризам на Туркије (Турција), Генералниот директорат за културно наследство и музеи, во соработка со Гувернерството на Мугла и Општината Фетије продолжува ископувањето, кое беше започнато минатата година во тврдината во населбата Кесиккапи.
Во тврдината, под одговорност на проф. д-р Кадир Пекташ продолжуваат ископувањата и чистењето на областа.

Со проектот што треба да се подготви по завршувањето на ископувањата, ќе се подготви рута за пешачење до тврдината. Тврдината, која има поглед кон заливот Фетије, ќе биде отворена за туристите.
Проф. д-р Кадир Пекташ, одговорен за ископувањето на тврдината во Фетије, за Агенција Анадолија (AA) истакна дека покрај научното ископување и истражување на тврдината во Фетије, која се наоѓа во центарот на општината, целта е тврдината да се отвори за туристи.
Пекташ рече дека продолжуваат работите за чистење на внатрешните простори и подготовка на проектите за уредување и реставрација на тврдината.
„Со проектот што ќе се подготви по ископувањата кои очекуваме да траат уште неколку години, тврдината ќе биде позабележителна и ќе биде место каде што ќе може да се прошета. Тврдината се наоѓа на точка со поглед на заливот Фетије. Тоа е прекрасно место, со навистина прекрасен поглед“, истакна тој.

Според него, има одредени тешкотии за да се стигне до тврдината поради географските услови, додека, рече тој, тврдината ќе биде отворена за туристите со подготовката на рутите за пешачење до тврдината.
- „Се појави место за кое мислиме дека може да биде театар“ -
Тој нагласи дека луѓето од регионот и посетителите покажале интерес за тврдината.

„За време на работата се појави место за кое мислиме дека можеби е одеон (театар). Тоа е на точка со поглед на заливот. Зад неа има област опкружена со ѕидови. Овие ѕидови укажуваат и на средниот век. За време на ископувањата се пронајдени керамики, топовско ѓуле и голем број монети. Евлија Челеби во своето дело ја споменува и тврдината и карпестите гробници“, рече Пекташ.