Aşkın Kıyağan
19 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
ВИЕНА (АА) - Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека стабилноста на Европа во голема мера зависи од стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларот на Австрија, Курц, во Виена денеска организираше работен состанок на кој присуствуваа челници на владите на Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Србија и Косово, како и еврокомесарите Јоханес Хан и Марија Габриел.
Темите на состанокот беа регионалната соработка, перспективите на Западен Балкан, билатералните прашања и надминување на евентуалните проблеми.
По состанокот, Курц истакна дека Австрија негува силни историски, економски и културни односи со земјите од регионот.
„Сметаме дека Европската Унија ќе биде комплетирана кога нејзин дел ќе станат дел земјите од Западен Балкан“, рече Курц.
Тој рече дека тие земји имаат поддршка на европскиот пат и дека Австрија во текот на претседавањето со Европкиот совет на таа тема ќе ѝ даде посебно значење.
Европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, рече дека на средбата станало збор и за економската состојба во регионот, а што е важна тема во процесот на пристапување во ЕУ и нејзиниот пазар.
Тој рече дека динамиката на регионалната економија во изминатите две години направила мал напредок, а дека во изминатите десет години е двојно зголемена трговската размена на Европската Унија со шест земји од Западен Балкан.
Нагласувајќи ја важноста на европската перспектива за земјите од регионот, комесарот Хан рече дека продолжувањето на нивниот европски пат ќе биде значаен за регионот и за Унијата.