Ekipa
16 Јануари 2019•Ажурирај: 17 Јануари 2019
МОСКВА (АА) - „Русија ќе ги земе предвид интересите на сите страни и на соседите на Сирија, вклучувајќи ја и Турција, во врска со безбедносната зона со должина од 32 километри што треба да се формира во северниот дел на Сирија“, изјави денес рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, јавува Anadolu Agency (AA).
„Целосно ќе ги земеме предвид интересите на сите вклучени страни, сите соседи на Сирија“, изјави Лавров на годишната прес-конференција во Москва, како одговор на прашањето на дописникот на АА.
„И, секако, дел од договорите што ќе ги бараме ќе бидат и безбедносните интереси на сите земји во регионот, вклучувајќи ја и Турција“, додаде тој.
Во понеделникот, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, реализира телефонски разговор со неговиот американски колега, Доналд Трамп, во кој стана збор и за идејата за формирање безбедносна зона во северниот дел на Сирија
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, вчера истакна дека целта на Турција во сириски Идлиб е да ја осигура безбедноста на животите и имотот на населението.
Лавров истакна дека формирањето на 32-километарска широка безбедносна зона во северниот дел на Сирија ќе биде на претстојната агенда на состанокот помеѓу рускиот и турскиот претседател.
„Се разбира, за ова прашање ќе се дискутира и кога претседателот Ердоган ќе дојде за следната рунда разговори со претседателот Путин“, додаде тој.
„Но, крајната цел, повторувам, е да се поврати суверенитетот и територијалниот интегритет на Сириската Арапска Република, потпишано од САД, Турција, Русија и сите останати членки на ОН“, рече тој.
Лавров нагласи дека ситуацијата во сириската покраина Идлиб ќе биде главна тема на состанокот помеѓу турскиот и рускиот претседател, кој ќе се одржи наскоро.
„Ние сме мошне заинтересирани за имплементацијата на договорите потпишани од Русија и Турција во врска со Идлиб“, рече тој.
Коментирајќи за ситуацијата во подрачјето на реката Еуфрат во Сирија, Лавров изјави дека САД поставиле „десетици сериозни воени објекти, вклучувајќи и воени бази“.
Лавров ја негираше можноста за создавање курдска држава на Блискиот Исток, велејќи дека Русија верува во зачувувањето и почитувањето на територијалниот интегритет на земјите во кои живеат Курдите.