Ivana Ramadanova
16 Јануари 2017•Ажурирано: 16 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - По вчерашното сонце, утринава Скопје и поголемиот дел од државата повторно се зафатени од обилни врнежи од снег, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од Упрвата за хидрометеоролошки работи, од утрово подрачјето на Македонија е под влијание на влажна и постудена воздушна маса, која во наредните денови ќе донесе претежно облачно и постудено време со повремени врнежи од снег.
Врнежите ќе бидат со променлив интензитет, а повеќе ќе бидат застапени во западните и во јужните делови. Пообилни врнежи се очекуваат в среда, кон крајот на денот, и во текот на ноќта кон четврток, особено во јужните делови.
Овие врнежи ќе предизвикаат зголемување на снежната покривка на повисоките места и на планините. Дневната температура ќе биде без поголеми промени и ќе се движи во интервалот од минус 3 до 4 степени.
Од УХМР соопштија дека најмногу снег наврнал во Лазарополе, каде што снежната покривка е со висина од 66 сантиметри, потоа во Маврово 54 сантиметри, Пожаране 31, Ѓуриште 22, Крушево, Берово и Дебар 18, Тетово 16, Крива Паланка и Струмица 11, Битола и Тополчани 9, Куманово 7, Виница 4, Скопје 3 и во Претор, Демир Капија, Охрид и во Дојран, снежната покривка изнесува 1 сантиметар.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози наместа со остатоци од снег на коловозите, по интервенција на екипите од „Македонија пат“. Слаб дожд врне низ цела Македонија, додека снег со слаб интензитет паѓа на Попова Шапка кој не се задржува на коловозот.
Денеска од 8:00 часот сообраќајот се воведува забрана за сообраќај на тешки товарни возила на планинскиот превој Плетвар од превентивни причини. Патниот правец Македонски Брод – село Здуње на кој гравитираат 11 села, не е прооден за секаков вид сообраќај.
На сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.