Besar Ademi
06 Јули 2016•Ажурирај: 07 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, по состанокот со специјалниот претставник на Германија за Македонија, Јоханес Хајндл, рече дека досегашните разговори меѓу политичките партии немаат никаков напредок во решавањето на политичката криза, но истакна дека утре е закажана заедничка средба на политичките партии, јавува Anadolu Agency (AA).
„Меѓународната заедница силно ги поддржува сите активности за излез на земјата од политичката криза и денешната посета на Јоханес Хајндл ќе има влијание врз најновите случувања. Меѓународната заедница внимателно се консултира со политичките партии и се надеваме дека земјата наскоро ќе излезе од оваа криза”, рече Орав.
Амбасадорот Орав повтори дека минатата недела земјите од Европската унија побараа од политичките партии да се согласат во најкраток можен рок за спроведување на Договорот од Пржино, вклучувајќи и создавање на услови за демократски избори.
Јоханес Хајндл својата дводневна посета во Скопје ја започна со амбасадорот Орав, а се очекува да оствари средби со лидерите на четирите најголеми партии во земјата и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Хајндл од почетокот на мај, по четврти пат доаѓа во Скопје, со цел да помогне во надминувањето на политичката криза. За време на неговата последна посета тој рече дека излезот од кризата само ќе го потврди и ревитализира Договорот од Пржино без одлагање, поставувајќи ги интересите на земјата во прв ред.
Тој ги повика партиите да постигнат договор за датумот на изборите како и создавање услови за фер и демократски избори, а на Специјалната обвинителка да ѝ се овозможи исполнување на својот мандат без попречување.