Admir Fazlagic
21 Септември 2016•Ажурирај: 22 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска се одржа официјален настан за започнување на проектот „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системот за стручно образование и обука и образованието на возрасните“, финансиран од Европската Унија, а корисник е Министерството за образование и наука на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На настанот присуствуваа министерот за образование и наука на Република Македонија, Пиштар Лутфиу, амбасадорот на Обединетото Кралство во Скопје, Чарлс Гарет, амбасадорката на Германија во Скопје, Кристин Алтхаузер, раководителот на Одделот за оперативни работи 2 на делегацијата на ЕУ во Скопје, Мауро ди Вероли, како и претставници на различни организации и институции заинтересирани за проектот.
Министерот Лутфиу, говорејќи за проектот за образование на возрасните, рече дека афирмирањето на доживотното учење бара да се развие културата на учење на индивидуално и на институционално ниво, во сите сфери на јавниот и на приватниот живот. Стручното образование и обука, како што рече министерот, се главната врска меѓу образованието и побарувачката за вработување, а во постојана врска и со потребите на пазарот на трудот.
„Образованието на возрасните има примарна улога во подобрувањето и наградувањето на знаењето на возрасните. Улогата на центарот за стручно образование и обука за возрасните е да обезбеди професионална поддршка во градењето и постојаното иновирање на системот за стручното образование за потребите на пазарот на трудот, со цел да се подобри постапката за вработување и зголемување на економската ефикасност и конкуреност“.
Тој додаде и дека улогата на Центарот за образование на возрасните е да се промовира еден функционален и модерен систем за образование на возрасни, компатибилен со ЕУ, во контекст на доживотно учење што обезбедува висок квалитет на обука и квалификација.
Мауро ди Вероли, раководител на Одделот за оперативни работи 2 на делегацијата на ЕУ во Скопје, осврнувајќи се на придобивките од проектот рече дека тој ќе придонесе за подобрување на образованието и вештините на возрасните, кои ќе имаат поголеми можности при учеството на пазарот на трудот.
Отпочнувањето на проектот го поздрави и амбасадорот на Обединетото Кралство, Чарлс Гарет.
„Оваа програма ќе ѝ помогне на Македонија да го развие моделот за образование и обука за возрасните, ќе ги подобри можностите да го дадат својот придонес на пазарот на трудот. Стручното образование помага да се вработат луѓето и да се приспособат на растечките сектори“, истакна Гарет во своето обраќање, додавајќи дека владата, цивилниот сектор и сите останати засегнати страни имаат за цел подобрување на севкупната општествена и економска состојба во земјата.
Еден од говорниците беше и германската амбасадорка во Скопје, Кристин Алтхаузер, која го искажа своето задоволство за почнувањето на проектот кој ќе им овозможи на возрасните да учат, да стекнуваат нови знаења и способности, бидејќи, како што истакна, во едно време на глобализација неопходно е да се ажурира знаењето.
Општата цел на проектот е да придонесе за зајакнувањето на сеопфатен и интегриран систем за доживотно учење, со фокус на стручното образование и обука и образованието за возрасни, преку воспоставување динамична меѓусебна поврзаност меѓу образованието и промените во социјалната сфера, како и пазарот на трудот.
Проектот ќе се занимава со прашања поврзани со вработувањето на учениците што завршиле средно стручно образование и оние што поминуваат низ обуки – дел од образованието за возрасни, како и вреднувањето на квалификациите и програмите на пазарот на трудот.
Проектот ќе трае до ноември 2017 година, а буџетот изнесува 1.972.500 евра, a е во реализација на Британскиот совет и партнерите во конзорциумот.