Ivana Ramadanova
28 Јуни 2018•Ажурирај: 29 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пренесува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција, премиерот Заев ја поздрави одлуката за датумот за преговори со Европската Унија – јуни 2019 година, заедно со препораката за скрининг на процесот до стартот на отворањето на поглавјата за преговори.
„За само една година Република Македонија е земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и општествен дијалог, со политичка волја за решавање на споровите со соседите, и јасно изразена визија за европска иднина. Денес Македонија е слободно општество, со еднакви можности за сите, по моделот на Европа за почитување на културната разноликост. Патот на реформи и градењето на нашата земја како држава по европски правила, е неповратен процес на кој Европската Унија му даде соодветен импулс со одлуката за преговори за Македонија“, рече Заев.
Тој истакна дека преговорите би завршиле со членство во 2025 година, токму како што предвидува Стратегијата за веродостојно проширување, од февруари оваа година.
„Ова е доволно време Република Македонија да ги реализира преостанатите фази од реформите, паралелно со преговарачкиот процес. Пред нас имаме конкретна цел. Сега нам ни преостанува самите да ја завршиме последната домашна задача и потоа гордо да влеземе низ портите на ЕУ. Искуствата од другите земји, кои во последните 20 години се зачленуваа во ЕУ и НАТО, говорат за поголем економски раст и поголем пораст на продуктивноста на трудот. Со зачленувањето во ЕУ расте и напредокот во структурните реформи за развој на приватниот сектор. ЕУ е најголем трговски партнер и придонесува за побрз раст на извозот за земјите членки“, порача премиерот Заев.
Според него, земјите членки на ЕУ покажуваат поголем напредок во однос на институционалната демократија и доброто владеење – слободата на изразување, политичката стабилност, квалитетот на регулаторите, ефективноста на Владата, владеењето на правото и контролата на корупцијата.
Претседателот на Владата на РМ, Заев, во својата изјава за медиумите, на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Туск, потенцираше дека оваа генерација македонски граѓани одлучија да решаваат предизвици, за себе, за идните генерации, заради иднината, и дека од таа предодреденост, на 17 јуни е потпишан Договорот со Република Грција со кој го надминавме тридеценискиот македонско-грчки спор за името на нашата држава.
„Граѓаните на Република Македонија, повторно во духот на европските демократски манири, кога станува збор за големи национални одлуки - на референдум ќе се изјаснат за иднината на нашата земја. Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение, и без ниту еден грам сомнеж да бидеме сигурни: со полн и меѓународно признаен македонски национален идентитет, заштитен и зајакнат, еднаш засекогаш, ја внесуваме нашата земја во семејството на стабилни и развојни земји. Нема назад“, нагласи премиерот Заев.
Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, на оваа заедничка прес-конференција истакна дека одлуката за преговори на ЕУ со Република Македонија е резултат на реформите и на храброто лидерство во Владата на РМ, и истакна дека проширувањето на Европската Унија е значајно и за безбедносните прашања на Унијата.