Hasan Esen
29 Јуни 2017•Ажурирај: 29 Јуни 2017
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на Северноатлантскиот воен сојуз (НАТО), Јенс Столтенберг, најави дека организацијата ќе го интензивира военото присуство во Авганистан и додаде дека 15 членки веќе ветиле дека дополнително ќе ја поддржат мисијата „Одлучна поддршка“ во таа земја и оти истото го очекува и од другите земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана на членките на НАТО, Столтенберг истакна дека на дневен ред на состанокот ќе биде ситуацијата во Авганистан, борбата против тероризмот, одбраната од кибер-напади и други безбедносни теми.
Столтенберг потсети дека на минатомесечниот Самит на лидерите на НАТО беа донесени низа важни одлуки, НАТО ја зајакна својата улога во борбата против тероризмот и дека е направен напредок во издвојувањата за секторот за одбрана.
Тој истакна дека од европските членки и Канада оваа година очекува зголемување на буџетското издвојување за одбрана од 4,3 отсто, за трета година по ред НАТО да бележи пораст на средствата.
Столтенберг посочи дека авганистанските официјални воени лица побарале поголемо воено присуство на НАТО во таа земја, и оти веќе со сигурност може да се потврди дека тоа и ќе се случи, но НАТО нема повторно да дејствува во борбена смисла, туку ќе го интензивира процесот на обука и логистичка поддршка на авганистанските сили кои се одговорни за безбедноста во земјата.