Ayşe Yıldız
16 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
АНТАЛИЈА (AA) – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушофлу, рече дека изборите во Холандија покажаа оти нема разлика меѓу социјалдемократите и лидерот на радикалната десничарска Партија на слободата (ПВВ), Герт Вилдерс, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот во Анталија, Чавушоглу изјави дека Турција реализира големи проекти и дека на својот пат чекори сигурно. Тој додаде дека Турција во последните 15 години надминала многу тешкотии и дека денес е почитувана земја во светот, но дека тоа на многумина им пречи.
Според неговите зборови, Турција особено им пречи на Европјаните. Чавушоглу изјави дека Турција не е земја под нечија контрола и дека сама донесува одлуки. Тој потсети и на претстојниот референдум за сетот уставни промени, кој во Турција ќе биде одржан на 16. април. Чавушоглу додаде дека постои и страна што заговара ‘не’ на референдумот и дека е започната кампања за гласање ‘не’ на референдумот бидејќи оние што се во Европа не сакаат Турција да јакне.
„Зошто се мешате? Од каде храброста да му давате памет на нашиот народ? Ние ќе донесеме одлука за нашата иднина. Одлуката и зборот му припаѓаат на народот. Зошто тоа вам ви пречи?“, запраша Чавушоглу.
Тој потсети на општите избори што вчера се одржаа во Холандија.
„Гласовите што ги добија се блиски едни со други, по 17 отсто, 20 отсто, така многу партии. Но кога ќе погледнете, нема разлика меѓу социјалдемократите и фашистите на Вилдерс, исто размислуваат. Што ќе постигнете, каде ја водите Европа? Почнавте да ја рушите Европа, ја водите во бездна. Наскоро во Европа ќе започнат идеолошки војни. По овој пат е така“, изјави Чавушоглу.
Тој потсети на војните во Европа водени пред еден век и за причините за тие војни.
„Отвори ја историјата на Европа и стави ја пред нив. Да имаат грам срам, Европјаните не би се погледнале в лице едни со други. Стотици години меѓусебно се убиваа бидејќи припаѓаа на други вери, но лекцијата од тоа е научена. Основана е Европската Унија, Советот на Европа. Сега започна уништувањето на тоа, Европа оди во старите денови“, изјави Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија рече дека она што денес се применува во Холандија не е видено од периодот на нацизмот и од Втората светска војна.
„Нашите државјани ги нападнаа со коњи и со кучиња. Каде е видено тоа? Да се случеше на некое друго место во светот, ќе го осудеа тоа. Делат лекции за човечност, демократија, слобода. Дали е тоа вашето сфаќање на човечноста и слободите? Но, Турција нема да остане на ова. Презедовме чекори, а ќе видите, и во иднина ќе преземеме нови чекори“, додаде Чавушоглу.