Seval Güler
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим изјави дека Европската Унија треба да го знае фактот оти продолжувањето на нејзините добри односи со Турција е нужно за сигурноста на европската иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Отворено порачувам дека двете страни би биле во загуба поради тензиите меѓу Турција и Европската Унија, но ако прашате кој повеќе ќе изгуби, тогаш тоа е сигурно Европската Унија. ЕУ треба да го знае фактот дека продолжувањето на добрите односи со Турција е нужно за сигурноста на европската иднина“, рече турскиот премиер и претседател на владејачката Партија на правдата и развојот (АК партија) Јилдирим, на денешната седница на пратеничката група во турскиот Парламент.
Јилдирим истакна дека при анализата на моменталната ситуација мора да се извлечат лекции од минатото, и дека Турција низ историјата се соочувала со различни проблеми и воени удари чија цена секогаш ја плаќал народот.
Тој потсети дека по воениот удар во 1960 година, Турција беше принудена да потпише договор за кредитирање со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Овој договор беше товар на плеќите на државата и народот половина век. Дури со доаѓањето на АК Партијата на власт го решивме тоа, и го испративме ММФ дома“, рече Јилдирим.
Јилдирим, исто така, нагласи дека сценаријата за поигрување со санкции против Турција се фрлени на ѓубриштето на историјата, но тоа не значи дека е време за опуштање. Тој додаде дека развојот на настаните на глобалниот пазар, секако, има негативно влијание врз сите земји, вклучувајќи ја и Турција.
Глобалната економска криза од 2008 година, протестите во паркот Гези во Истанбул и предавничкиот неуспешен обид за воен удар на терористичката организација ФЕТО се примери што турскиот премиер ги наведе како показател дека дури и најтешките проблеми може да се надминат со поддршката на народот.
„Со поддршката на народот ќе ги надминеме сите предизвици со кои се соочуваме денес“, порача Јилдирим.
Исто така, тој најави дека Турција ќе ја продолжи опсежната борба против терористичките организации ФЕТО, ПКК, ДЕАШ и другите групи што претставуваат закана за сигурноста, мирот и стабилноста на Турција и останатиот дел од регионот и од светот.
„Нашите сили за безбедност го расчистија подрачјето на југоисточниот дел од земјата. Ресорните министри веќе извршија инспекција и подготовка, и целосно ќе ја обновиме инфраструктурата во тој регион. На срушените темели веќе почнавме да градиме уште поубави и поголеми куќи. За една година ќе изградиме и на граѓаните ќе им предадеме 36.000 станбени единици. Така ќе се стави крај на страдањето на народот, предизвикано од страна на тероризмот“, рече Јилдирим.