Esra Akgün
08 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
ЊУЈОРК (АА) - На презентацијата во центарот на „Епл“, во Сан Франциско, беше претставен новиот „Ајфон 7“, кој има задна камера од 12 мегапиксели и предна камера од 7 мегапиксели. Беше соопштено дека „Ајфон 7 плус“ како додаток на предната камера ќе ги поседува можностите за широкоаголно фотографирање и телефото. И двете камери од новиот модел ќе ги имаат можностите од 2х оптички зум и 10х дигитален зум, јавува Anadolu Agency (AA).
На презентацијата беше информирано дека новиот „Ајфон 7“ има екран со димензии од 4,7 инчи (11,9 см) и резолуција 1334x750 пиксели, додека „Ајфон 7 плус“ е со големина на екранот од 5,5 инчи (14 см), резолуција 1920x1080 (Full HD) и е водоотпорен.
Ќе може да се избира меѓу црната, сребрената, сивата, златната, црвената и „џет блек“ црна боја на телефоните.
- Кај новите ајфони нема приклучок за слушалки -
Новиот ајфон e изработен од алуминиум и како и во претходните модели, нема да има приклучок за слушалки. „Епл“ за сопствениците на „Ајфон 7“ изработи безжични слушалки наречени „Ерподс“, кои благодарение на вградените чипови, ќе овозможат подобро комуникациско и продуктивно искористување на технологијата „блутут“.
Од друга страна, за сите оние што ќе сакаат да ги користат сопствените жичени слушалки, изработен е адаптер преку кој ќе можат да се поврзат со новите модели. На презентацијата беше соопштено дека моделите „Ајфон 7“ и „Ајфон 7 плус“ ќе поседуваат стерео звучници.
- Споредено со претходните модели на ајфон, ќе има најдолготрајна батерија -
На презентацијата беше соопштено дека благодарение на новиот чип A10, моделите „Ајфон 7“ и „Ајфон 7 плус“ во однос на претходниот модел „Ајфон 6“, има двапати поголема брзина, додека брзината на графиката е зголемена трипати. Новите модели ќе имаат можност за „3Д допир" и споредено со претходните модели на ајфон, ќе имаат најдолготрајна батерија. Новите модели ќе имаат капацитет на меморијата од 32 GB, 128 GB и 256 GB.
На презентацијата во Сан Франциско, „Епл“ го претстави и новиот паметен часовник „Епл воч“ (Apple Watch). Овој часовник, кој е водоотпорен, издржува притисок до длабочина од 50 метри. Во споредба со претходниот модел, неговата брзина е зголемена за 50 отсто и има тело обложено со ќерамика.
- Телефоните ќе бидат пуштени во продажба на 16 септември -
Цената на „Ајфон 7“ со меморија од 32 GB ќе изнесува 649 долари, „Ајфон 7 плус“ со меморија од 32 GB, 769 долари. Слушалките „ерподс“ ќе чинат 159 долари. Новите модели на часовникот „Епл воч“ и „Најк+“ ќе се продаваат по цена од 369 долари.
Американските потрошувачи новите модели на паметните телефони на „Епл“ ќе можат да ги порачуваат почнувајќи од 9 септември. Телефоните во продажба ќе бидат пуштени на 16 септември, заедно со новиот модел на часовникот „Епл воч“, додека моделот „Најк+“ се очекува на пазарот да се појави во месец октомври.