Besar Ademi
14 Јули 2016•Ажурирај: 14 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) – Разговорите меѓу претставниците на најголемите политички партии во Македонија, потписнички на Договорот од Пржино што почнаа вчера попладне, а траеја до доцните вечерни часови, завршија без конкретен договор, јавува Anadolu Agency (АА).
Претходно претставниците на работните групи на политичките партии се изјаснија дека се блиску до постигнување договор, но по средбата, амбасадорот на ЕУ во земјата, Аиво Орав, изјави дека е постигнат голем напредок, но едно прашање коешто не го наведе, го оневозможува исполнувањето на точките од Договорот од Пржино.
„Би сакал да кажам дека сме направиле одлична работа. За многу точки се согласивме, но имаме уште една точка на исчекување за која страните не беа во можност да постигнат договор вечерва. Се надевам дека ќе ги продолжиме разговорите колку што е можно поскоро”, изјави Орав.
За време на разговорите преовладуваше оптимизам кај преговарачките страни. Според извори од преговарачките тимови, партиите се блиску до финализација на две клучни отворени прашања - прочистување на Избирачкиот список и реформите во медиумите.
Според истите извори, на средбата се разговарало и за одржување на избори во текот на декември оваа година, но првенствено да се формира техничка влада којашто ќе има мандат од 100 дена, а доколку задоцни формирањето на техничката влада, не се исклучува можноста таа да има шестмесечен мандат.