Husamedin Gina
26 Ноември 2021•Ажурирај: 27 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска имаше средба со претседателот на Собранието на Црнa Гора, Алекса Бечиќ, кој е дојден во земјава како учесник на Регионалната конференција „Подобрување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан“, во организација на Собранието на Република Северна Македонија и Здружението на новинари на Македонија, а се одржува во зградата на Собранието, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието, Џафери на почетокот на средбата се заблагодари на претседателот Бечиќ за прифаќањето на поканата за учество на конференцијата, што е уште една потврда за одличната парламентарна соработка меѓу двата законодавни дома, и доказ за сериозниот пристап кон улогата на парламентите во заштитата на слободното изразување и независноста на медиумите чие присуство е од витално значење за функционална демократија и добро владеење.
Претседателот Џафери, исто така го информира гостинот за актуелната ситуација во земјава по локалните избори и по најавената оставка на претседателот на Владата и за начинот на кој ќе се следи деловната постапка за избор на нова влада, за што побрзо нормализирање на функционалноста на институциите, особено имајќи предвид дека на Собранието му претстои донесувањето на буџетот на државата за 2022 година, за што опозицијата најави конструктивност во донесувањето.
Џафери, како што се наведува во соопштението, истакнал дека покрај одличните политички односи на билатерален и мултилатерален план, неопходно е да се вложи повеќе напор во интензивирањето на економската соработка и повторно го актуализира активирањето на авионската линија Скопје - Подгорица - Сараево, како неопходен проект на поврзување на земјите.
Од друга страна, претседателот на црногорскиот парламент Бечиќ, заблагодарувајќи му се на својот колега Џафери на поканата за учество на конференцијата, изрази длабоко жалење за трагичната автобуска несреќа на Автопатот „Струма“ во Бугарија и сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посака брзо закрепнување.
Изразувајќи поддршка на евроинтеграцискиот процес на земјава, Бечиќ нагласи дека Црна Гора е длабоко навлезена во отворањето на поглавјата, и дека ја нуди сета помош на нашите институции во тој домен.
Тој, исто така, додаде дека политиката на проширување на Европската Унија е од стратешки интерес и за земјите на Западен Балкан, меѓутоа, и за самата Унија од суштинско значење е тој процес да се забрза.
На крајот, двајцата соговорници споделија уверување за натамошна конструктивна и интензивна соработка на сите полиња од заемен интерес.