Ayhan Şimşek
25 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел ја повика Албанија да го зајакне владеењето на правото и да ја спречи корупцијата за да ги убеди земјите-членки на ЕУ да започнат преговори за членство, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот со албанскиот премиер Еди Рама во Берлин, Меркел на заедничката прес-конференција изјави дека лидерите на ЕУ во престојниот период ќе го оценат напредокот на Албанија на европскиот пат.
„Како што знаете, Европската комисија на 17 април предложи отворање на преговори со Албанија за членство. За тоа ќе разговараме и на состанокот на Европскиот совет кој ќе се одржи кон крајот на јуни“, рече Меркел.
Таа ги пофали досегашните напори кои Албанија ги презема за да ги исполни потребните услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Таа додаде дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Албанија во реформските прашања што ги спроведува со цел јакнење на владеењето на правото, борба против корупцијата и организираниот криминал.
Рама во обраќањето на новинарите изјави дека реформите кои ги спроведува Албанија во областа на владеењето на правото наидуваат на пофалби и во соседните земји.
Тој изрази надеж дека Германија и на состанокот на Европскиот совет ќе ја поддржи Албанија по прашањето отворање на преговорите за членство во ЕУ.
Тој додаде дека е свесен оти отворањето на преговорите за членство е почеток на еден нов период кој е многу важен за сите Албанци.
„Процесот кој е пред нас бара голем број реформи и жртвување“, рече албанскиот премиер, додавајќи дека целта на сите Албанци, без оглед на нивната верска припадност, е влез во ЕУ.