Furkan Abdula
15 Јуни 2022•Ажурирај: 16 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, го прими на средба министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во посета на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, на состанокот бил пренесен јасен став дека Хрватска продолжува активно да ги поддржува европските перспективи на Северна Македонија.
„Оценето е дека почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ е од важност за стабилноста на регионот, а со тоа и за самата унија. Нагласено е дека нашата држава практикува европски вредности на политички и реформски план и дека долгоочекуваниот исчекор во евроинтеграциите е заслужен и потребен“, се вели во соопштението.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата и пријателска поддршка од Хрватска на сите значајни, демократски процеси во Северна Македонија.
Тој рече дека Северна Македонија продолжува да практикува европски вредности и потенцира дека ваквата политичка насоченост е значајна и за државата и за регионот и ЕУ.
„Се поставивме целосно на линија на надворешната политика на ЕУ во однос на војната во Украина. Поставени сме принципиелно во развојот на добрососедските односи. Посветени сме на заштита на животниот стандард на граѓаните. Ова се позициите од коишто продолжува да работи Владата“, истакна Ковачевски.
„На средбата е констатирано дека 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска ја бележи плодна соработка во сите сфери од заемен интерес и дека соработката се унапредува, како на билатерален план, така и како меѓу две држави членки на НАТО. Во таа насока е разговарано и за одржување заедничка седница меѓу владите на Република Северна Македонија и Република Хрватска“, се додава во соопштението на Владата на Северна Македонија.