Stipe Majic
05 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Состанокот на Европската Унија и земјите од Западен Балкан ќе се одржи утре, 6 мај, преку видеоконференција, јавува Агенција Анадолија (AA).
Самитот на шефовите на држави и влади на Европската Унија и Западен Балкан, што требаше да се одржи во Загреб, поради пандемијата на Ковид-19 е откажан во таков формат, а најавена е видеоконференција со истите учесници на која ЕУ, како најважен партнер на регионот, ќе ја нагласи важноста на односите помеѓу ЕУ и Западен Балкан.
„Европската Унија и Западен Балкан се обединети во борбата против Ковид-19“, порачуваат организаторите и сметаат дека состанокот е можност за да се истакне меѓусебната солидарност и соработката во овие кризни времиња.
Се истакнува дека партнерите во регионот дале свој придонес во помагање на земјите членки на ЕУ, додека Европската Унија мобилизираше над 3,3 милијарди евра помош за Западен Балкан за надминување на кризата со коронавирусот.
Се очекува шефовите на државите и владите да ја потврдат и европската перспектива на Западен Балкан и посветеноста на партнерите од Западен Балкан кон зачувувањето на европските вредности и начела.
Во текот на првиот неформален состанок со партнерите од Западен Балкан во Брисел на 16 февруари 2020 година, претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, ја нагласи посветеноста на ЕУ кон регионот.
„Мора да ја продлабочиме нашата стратешка соработка за прашања како што се климатските промени, мултилатерализмот и надворешната политика“, рече во таа пригода претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел.
Челниците ќе разменат мислења за новата фаза на блиската соработка за надминување на значителните социоекономски последици на кризата предизвикана од Ковид-19, за важноста на регионалната соработка и како на најдобар начин да се управува со безбедносните предизвици.
На состанокот на врвот на ЕУ и Западен Балкан ќе се соберат шефовите на држави или влади од земјите членки на ЕУ и шефовите на шесте партнерски земји од Западен Балкан: Република Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово.
Со состанокот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, кој заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ќе ја претставуваат ЕУ.
На состанокот ќе присуствуваат и Андреј Пленковиќ, претседателот на Владата на Република Хрватска, која моментално претседава со Европскиот совет, Жосеп Борел, високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика, Давид Сасоли, претседателот на Европскиот парламент, претставници на Европската банка за обнова и развој, Светската банка, Европската инвестициска банка и од Советот за регионална соработка.
Минатиот состанок на врвот на ЕУ и Западен Балкан се одржа на 17 мај 2018 година во Софија (Бугарија).