Ekipa
14 Септември 2021•Ажурирај: 15 Септември 2021
ДОХА (АА) - Турција и Катар заедно се координираат во однос на прашањето за Авганистан, изјави денес турскиот амбасадор во Доха, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Анкара и Доха „континуирано се во разговори за хуманитарните услови и безбедносните и политичките случувања во Авганистан, со оглед на значењето на авганистанскиот народ и на меѓународниот мир и безбедноста“, рече Мустафа Ѓоксу за катарскиот дневен весник „Ал Раја“.
„Постои плодна соработка помеѓу Турција и Катар во однос на менаџирањето на аеродромот во Кабул, со оглед на тоа што се смета за единствена шанса за оние што се заглавени во Авганистан“, рече Ѓоксу, истакнувајќи дека соработката е во тек помеѓу двете земји за обезбедување техничка поддршка за менаџирање со аеродромот.
„Постои консензус меѓу Анкара и Доха за начините за воспоставување безбедност и стабилност во Авганистан“, рече Ѓоксу.
Амбасадорот, исто така, ја истакна важноста на меѓународната заедница да го задржи односот со талибанското движење со цел да се донесе хуманитарна помош за авганистанскиот народ.
Турскиот амбасадор во Доха ги поздрави напорите на Катар за згрижување на Авганистанците и обезбедување на потребната хуманитарна помош за нив, како и дипломатските и хуманитарните напори на Катар за олеснување на страдањата на авганистанскиот народ.
За 10 дена во август талибанците објавија дека ја презеле контролата врз поголемиот дел од Авганистан паралелно со повлекувањето на САД од земјата по 20 години воено присуство.