Jeyhun Aliyev
23 Јули 2020•Ажурирај: 24 Јули 2020
АНКАРА
Агенциите на ОН предупредија дека бројот на луѓето што ќе се соочат со недостиг на храна во јужниот дел на Јемен за шест месеци ќе се зголеми од 2 на 3,2 милиони, јавува Агенција Анадолија (АА).
Најновиот извештај од „Интегрејтед фуд секјурити фејз класификејшн“ (Integrated Food Security Phase Classification IPC), објавен од Организацијата за храна и земјоделство (FAO), УНИЦЕФ и Светската програма за храна (WFP), соопштија дека недостигот на храна ќе се зголеми нагло поради голем број фактори, вклучувајќи ги и лошите економски услови, конфликти, поплави, скакулци и пандемијата на Ковид-19.
Анализата спроведена во 133 окрузи во јужен Јемен прогнозира „алармантно зголемување на луѓето кои се соочуваат со високи нивоа на акутен недостиг на храна“.
„Луѓето во Јемен веќе поминаа многу и се издржливи. Но, тие со соочуваат со многу потешкотии и закани во исто време - од пандемијата на Ковид-19 до инвазијата на пустинските скакулци. На земјоделците со мал имот и семејствата коишто зависат од земјоделство за нивен опстанок, потребна им е нашата поддршка повеќе од кога било“, изјави претставникот на ФАО во Јемен, Хусеин Гадаин.
„Недостигот на храна беше намален до одреден степен во 2019 година благодарение на масовното доставување на хуманитарната помош“, се вели во извештајот.
Во извештајот се предложени препораки „за итни активности“, како што е обезбедување постојана помош во храна, обновување на локалните водни инфраструктури оштетени од поплави, поддршка на земјоделците, промовирање на добри нутритивни практики и зајакнување на раните предупредувања и општите системи за мониторирање на безбедноста на храната.
Јемен е опфатен со насилство и нестабилност од 2014 година, кога бунтовниците Хуси заробија голем дел од земјата, вклучително и главниот град Сана.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија насочена кон враќање на Владата, ја влоши ситуацијата, предизвикувајќи една од најтешките светски хуманитарни кризи во светот, бидејќи милиони лица се на работ од гладот.