Ahmed al-Masri,Mahmut Geldi
16 Август 2017•Ажурирај: 16 Август 2017
ДОХА (АА) - Министерот за надворешни работи на Катар, шеик Мухамед бин Абдурахман ал Тани, во врска со кризата во Заливот што трае веќе подолго од два месеца, изјави дека ќе треба многу време за повторно да се воспостави меѓусебната доверба меѓу земјите на Заливот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според јавувањето на катарската новинска агенција „QNA“, Ал-Тани посочи дека земјите од Заливот се соочени со нестабилност којашто всушност нема своја основа. Тој ги повика Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Египет да ги изнесат доказите во врска со обвиненијата што ги упатуваат кон Катар.
Шефот на катарската дипломатија нагласи дека од почетокот на кризата поминале 72 дена, но пред неговата земја сѐ уште не се изнесени никакви докази.
Тој се осврна и на последиците што кризата ги остави на Заливскиот совет за соработка (GCC), и истакна дека се работи за организација што пред сѐ е формирана на темелите на доверба и стратешка сигурност. Како што рече тој, довербата исчезнала поради кризата.
„Ќе треба многу време за повторно да се воспостави меѓусебната доверба меѓу земјите на Заливот“, нагласи Ал Тани.
Кризата во Заливот ескалираше на 5. јуни, кога властите на Саудиска Арабија, Бахреин, Египет, ОАЕ и Јемен ги прекинаа дипломатските односи и ги блокираа границите на Катар. Тие го обвинуваат Катар за поддршка на тероризмот, што официјална Доха го негира и ги смета обвиненијата за неосновани.
Четирите земји кои применија блокада на Катар ѝ понудија на Доха листа со барања од 13 точки, на што Катар соопшти дека нема да прифати ниту едно барање што не е во согласност со меѓународното право.