Hakan Çopur
02 Декември 2020•Ажурирај: 03 Декември 2020
ВАШИНГТОН
Американските медиуми објавија дека претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, му дал зелено светло на шефот на Стејт департментот, Мајк Помпео, дека може да врши притисок врз Иран колку сака, само без предизвикување Трета светска војна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Трамп на Помпео и останатите дипломати, како и на своите советници, им дал „слободни раце“ во контекст на вршење на притисок врз Иран, пишува американскиот портал „Дејли бест“ (DailyBeast), повикувајќи се на високите американски официјални претставници чии идентитети не се откриени.
Во текстот се наведува дека Трамп во последните недели е фокусиран особено на резултатите од претседателските избори и дека дава големо внимание на надворешнополитичките прашања. Особено прашањето за Иран, како што се наведува, во потполност го препуштил на Помпео.
Американските официјални претставници, на кои авторот на текстот се повикува и наведува дека сведочеле на разговорите на Трамп и Помпео, порачаа дека Трамп дал овластување на американскиот државен секретар да врши притисок врз Иран колку сака, но со тоа да не предизвика Трета светска војна.
Се очекува администрацијата на Трамп, пред предавањето на Белата куќа на победникот на американските претседателски избори, Џо Бајден, кое е планирано за 20 јануари, да воведе нови економски санкции на Иран и да преземе чекори кои ќе ја доведат иранската економија во тешка ситуација.
Исто така се наведува дека е можно да постоела соработка меѓу израелските и американските разузнавачки служби во врска со атентатот на иранскиот научник Мохсен Фахризаде.
Фахризаде, кој беше клучна фигура на иранската нуклеарна програма, во петокот го убија неидентификувани вооружени напаѓачи на периферијата на Техеран, главниот град на Иран.
Иранските официјални претставници за убиството го обвинија Израел, чиј премиер Бенјамин Нетанјаху пред две години одржа презентација за иранската нуклеарна програма и изјави дека треба да се запамети името Мохсен Фахризаде.