Ayhan Şimşek
31 Октомври 2024•Ажурирај: 02 Ноември 2024
БЕРЛИН (АА) - Германија денес објави дека ќе ги затвори конзулатите на Иран во земјата, како одговор на егзекуцијата на германско-иранскиот дисидент Џамшид Шармахд, јавува Анадолу.
Зборувајќи за новинарите во Њујорк, министерката за надворешни работи Аналена Баербок рече дека Шармахд бил погубен и покрај интензивните дипломатски напори на Берлин на највисоко политичко ниво.
„Постојано му стававме до знаење на Техеран дека егзекуцијата на германски државјанин ќе има сериозни последици, па решив да ги затворам генералните конзулати на Иран во Франкфурт на Мајна, Минхен и Хамбург“, рече таа.
Шармахд, 69-годишен германско-ирански државјанин, беше егзекутиран во понеделникот во Иран, по неговото осудување за „заговор за терористички напади“, што тој жестоко го негираше.
Тој беше обвинет дека водел група со седиште во САД, позната како „Тондар“, која се обидува да ја врати монархијата во Иран, што беше соборена со Исламската револуција во 1979 година. Иранските власти тврдеа дека групата планирала бројни терористички акти против Иран под наредба на западните и американските разузнавачки агенции.