Ayhan Şimşek
22 Октомври 2018•Ажурирај: 23 Октомври 2018
БЕРЛИН (АА) - Германија ги повика европските партнери денес да запрат со продажбата на оружје за Саудиска Арабија, поради сомнеж во врска со објаснувањето на Ријад за убиството на новинарот Џамал Кашоги, пренесува Anadolu Agency (AA).
Германскиот министер за економија и енергетика, Петер Алтмајер, за телевизијата ZDF изјави дека германската Влада нема да одобри никаква нова продажба на оружје на Саудиска Арабија и ќе ги повика другите земји членки на ЕУ да го следат тој пример.
„Верувам дека е важно да се усвои заеднички европски став“, нагласи Алтмајер.
„Затоа што само доколку европските земји се обединат, тоа ќе влијае врз Владата на Ријад“, додаде тој.
Алтмајер предупреди дека одлуката на Германија да запре со продажба на оружје нема да има никакво влијание доколку другите земји продолжат да го продаваат своето оружје во Саудиска Арабија.
Тој истакна дека објаснувањето на Ријад, кое досега го даде во врска со убиството на новинарот Кашоги, било недоволно и дека меѓународната заедница сака да ја знае целата вистина за тоа што се случило со него.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија вчера наутро соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во Конзулатот.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
Турција и Саудиска Арабија формираа заедничка работна група која го истражува овој случај. Спроведена е истрага во саудискиот Конзулат и во Резиденцијата на генералниот конзул на таа земја во Истанбул.