Emel Gözellik
09 Декември 2020•Ажурирај: 09 Декември 2020
ЊУЈОРК
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, го повика Иран да ја разреши загриженоста во врска со неговата нуклеарна и балистичка ракетна програма и побара да се врати на спроведувањето на нуклеарниот договор постигнат во 2015 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во својот извештај до Советот за безбедност на ОН, Гутереш изрази жалење за повлекувањето на администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, од нуклеарниот договор со Иран во 2018 година, за повторното воведување санкции кон Техеран, како и за одлуката на Иран во 2019 година да ги прекрши рамките што се постигнати со договорот.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш, потенцирајќи дека е потребно Иран „во потполност да го спроведе“ нуклеарниот договор што го постигна со глобалните сили во 2015 година и кој беше одобрен од страна на Советот, наведе дека спроведувањето на тој договор „за меѓународната заедница претставува доказ за ефикасноста на мултилатерализмот, дипломатијата и дијалогот и успех во спречувањето на ширењето на нуклеарното оружје“.
Извештајот што го достави Гутереш се очекува да биде разгледан од Советот за безбедност на 22 декември.
Германија, Франција и Велика Британија, во заедничкото соопштение истакнаа дека крајно загрижувачки е планот на Иран во градот Натанц да изгради напредна центрифуга за збогатување ураниум во три фази.
Во соопштението се наведува дека тие неуморно работат за продолжување на нуклеарниот договор со Иран именуван како Сеопфатен заеднички план за акција (СЗПА), потенцирајќи дека „најавата од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на Иран дека планира да изгради напредна центрифуга за збогатување ураниум во три фази во својот објект во Натанц, е крајно загрижувачка и го прекршува Сеопфатниот заеднички план за акција“.