Tufan Aktaş
18 Јуни 2020•Ажурирај: 19 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ
Од експлозија на бомба поставена на пат во Могадишу, главниот град на Сомалија, животот го загубија три лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Владата на Сомалија, Исмаил Мухтар Омер, соопшти дека во експлозијата на бомба поставена на пат во подрачјето Ходан, животот го загубиле три лица, а други тројца се ранети.
Портпаролот Омер информира дека експлозијата што се случила во подрачје близу училиште на Фондацијата „Маариф“, за цел ги имала воените возила што се движат во тоа подрачје.
- Нема повредени меѓу вработените во турската Фондација „Маариф“
Проф. д-р Џихад Демирли, член на Управниот одбор на турската Фондација „Маариф“, за АА изјави дека експлозијата се случила на околу 150 метри од училиштето, додавајќи дека нема повредени меѓу турските и локалните вработени и дека тие се наоѓаат во добра здравствена состојба.
Истакнувајќи дека поради распустот во подрачјето немало ученици и наставници, Демирли рече: „Како турска Фондација „Маариф“, на сомалискиот народ му изразуваме сочувство, а на ранетите им посакуваме што поскоро закрепнување.“
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.