Şerife Çetin
12 Март 2020•Ажурирај: 13 Март 2020
БРИСЕЛ (АА) - Откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека заради спречување на ширењето на коронавирусот ќе ги ограничи сите патувања од Европа кон Соединетите Американски Држави (САД), од Европската Унија (ЕУ) истакнаа дека се работи за еднострана одлука и дека ЕУ не ја одобрува, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, порачано е дека Ковид-19 претставува глобална криза и дека наместо еднострано дејствување, потребна е соработка.
„ЕУ не ја одобрува одлуката за забрана на патување САД да ја донесуваат еднострано и без советување“, порачано е во заедничката изјава и нагласено е дека ЕУ презела силни мерки за да го спречи ширењето на вирусот.
Во меѓувреме, портпаролот на Комисијата на ЕУ, Ерик Мамер, на дневната прес-конференција изјави дека главна цел на Унијата е спречување на економското уништување.
Истакнувајќи дека САД не би требало сами да донесуваат одлуки, Мамер укажа на важноста на консултациите меѓу двете страни, нагласувајќи дека мерките можат да бидат ефективни само доколку се преземат со соработка.
Трамп се обрати на нацијата од Овалниот кабинет и изјави дека рестрикциите за патување од Европа во САД ќе стапат на сила в петок на полноќ.