Ömer Tuğrul Çam
17 Декември 2021•Ажурирај: 18 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) јасно става до знаење дека ќе воведе строги санкции кон Русија ако таа направи воен потег кон Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел и Јанез Јанша, мандатниот претседател на ЕУ и премиер на Словенија, одржаа заедничка прес-конференција на крајот на Самитот на лидерите на ЕУ.
Мишел рече дека земјите членки го поддржуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и предупредија дека агресијата кон Украина ќе има многу сериозни последици.
„Ние сме подготвени да преземеме координирани мерки со нашите партнери и сојузници“, рече тој.
Мишел истакна дека лидерите на земјите членки се согласиле да активираат економски санкции против Русија во таква ситуација.
Фон дер Лајен потсети дека тие претходно го објавија нивниот став за руските воени утврдувања на границата со Украина и ја повикаа Русија да ја избегне агресијата и да ги смири тензиите.
Таа рече дека тие сакаат добри односи со Москва, но дека тоа зависи од Русија.
„Нема дилема за тоа, ако Русија преземе акции против Украина, ЕУ ќе воведе санкции кои многу ќе чинат. Ние ја завршивме нашата работа во овој поглед“, рече таа.
Премиерот Јанша исто така рече дека земјите на ЕУ дејствуваат со заеднички став.
„Ние нема да дозволиме да се повтори уште еднаш доживеаната ситуација кога Русија изврши инвазија на Крим. Овој пат сме подготвени.“